1.200 АДМИНИСТРАТИВЦИ СЕ ВИШОК, ВИЕ НАПРАЈТЕ ГО СПИСОКОТ КОГО ДА ОТПУШТАМ, Ѝ РЕЧЕ ШИЛЕГОВ НА СОВЕТНИЧКАТА КОЛАРИЌ

Ќе основам комисија на која вие можете да бидете претседател и да го составите списокот на партиски војници кои се вишок во администрацијата, ѝ рече градоначалникот Петре Шилегов на советничката од ВМРО-ДПМНЕ Светлана Колариќ откако таа го искритикува дека вработил 25 нови луѓе во ЈП „Градски паркинг“.

На денешната седница на дневен ред беше точката за префрлање на вработен од ЈП „Паркинзи Општина Центар“ во градското претпријатие за паркирање. Градоначалникот Шилегов рече дека мора да вработува нови луѓе оти администрацијата која е примена во нивно време е нестручна.

„Имаме 1.200 административци повеќе од она што ни е потребно. Веднаш ќе потпишам во ’Градски паркинг‘ да останат само 130 вработени кои се стручни и тогаш веќе нема да треба да вработувам нови. ЈСП ’Скопје‘ има 700 административци, или повеќе отколку што има возачи. ’Градски паркинг‘ јас кога станав градоначалник имаше 237 вработени, а сега има 258. Од нив половината се вишок и слободно може да си одат. Вработувани се по партиски клуч и тоа ни е јасно, а мене ми требаат стручни луѓе. Како да не вработувам нови. Ве повикувам вие да бидете претседател на комисија што ќе направи списокот на над илјада вработени од јавните претпријатија кои би требало да бидат отпуштени“, рече Шилегов.

Колариќ му одговори дека го прифаќа неговиот предлог, но да биде и во Комисија која ќе одлучува и за новите вработувања кои Градот Скопје планира да ги прави во иднина.

Please follow and like us:

You May Also Like