Велика Британија и Европската унија се лизгаат на тенок но долг лед

Пратениците од долниот дом во Парламентот не му дадоа ни трета среќа на Договорот за Брегзит и зададоа сериозен удар на денот кога всушност беше и првично планирано излегувањето од ЕУ. 344 гласа „против“ наспрема 286 „за“ беше исходот од вчерашното гласање.

Иако повторно поразена, Тереза Меј ниту овој пат не се откажува. Премиерката ќе се обиде да се избори за четврто изгласување на договорот. Мотивацијата ќе и биде разликата во бројот на гласови „против“ кој од 149 пред две седмици падна на 58.

„Европската унија беше јасна дека секое евентуално одложување мора да има конкретна причина поради која се прави и ќе мора да биде прифатено од лидерите на 27-те земји членки до 12 април. Веќе е извесно дека на Обединетото Кралство ќе му биде наложено да спроведе избори за Европскиот парламент. Во понеделник Парламентот ќе го продолжи овој процес и ќе видиме дали имаме стабилно мнозинство за некаква алтернативна верзија за нашиот иден однос со Европската унија,“изјави премиерката  Тереза Меј.

Скептицизмот за договорот кај поголемиот дел од пратениците е се уште присутен. Лидерот на Лабуристите Џереми Корбин и понуди две опции на Меј – или да го промени Договорот или да си поднесе оставка.

„Домот е многу јасен. Договорот едноставно мора да се промени, мора да се најде алтернативно решение. Ако премиерката не може да го прифати тоа, тогаш мора да си оди, но не за некое време, туку веднаш.“истакна лидерот на лабуристите Џереми Корбин.

Што ќе се прави во врска со Брегзитот, Британците ќе мора да одлучат најдоцна до 12 април. Засега на маса се две опции – или одложување на процесот но со обврска да се спроведат избори за Европскиот парламент, или земјата да ја напушти Унијата без договор.

Од Европската комисија сметаат дека токму т.н. „Тврд Брегзит“ е најверојатното сценарио. Првиот човек на Европскиот совет Доналд Туск, пак, свика вонреден самит на 10 април.

Please follow and like us:

You May Also Like