Баукот со цензусот повторно кружи низ Македонија

Владејачкиот СДСМ, веројатно, до последен момент ќе одлучува околу својот кандидат за шеф на државата, пред конгресот најавен за 3 март. Овој датум беше определен на неодамнешната седница на Централниот одбор, иако, наводно, имало размислувањаи конвенцијата да се одржи десетина дена подоцна, со оглед на тоа што кандидатурите треба да се достават до ДИК 30 дена пред одржувањето на изборите – најверојатно на 21 април, како што потврди деновиве спикерот Талат Џафери. Тој, како што најави ќе ги распише изборите во петок, така што вториот – одлучувачки круг би се одржал на 5 мај.

Пред СДСМ да пресече, ќе биде познат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата, чиј профил секако ќе влијае и на изборот на владејачката партија. По најавите за можно вклучување на универзитетската професорка Гордана Силјановска во изборната трка и најавата на ДУИ за самостоен настап на претседателските избори, моменталните проценки се дека во СДСМ натежнува ставот да се оди на избори со личност од партискиот врв. Од друга страна, се пореална станува можноста за слаба излезност на гласачите на изборите, што се смета за една од причините поради кои до последен момент ќе се одлучува со каков профил на кандидат да се влезе во кампањата. Целта е да се понуди личност која ќе придонесе за повисок одѕив, особено во вториот круг, кога во игра ќе останат само двајца кандидати кои би тeрбало да го „пробијат“ цензусот од 40 проценти за изборите да бидат успешни. Во спротивно, проценките се дека евентуални неуспешни избори, освен што ќе донесат нова политичка нестабилност и можно повторно отворање на Уставот, ќе значат и голем минус за земјата во извештајот на ЕК, пред одлуката за почнување на преговорите со ЕУ во јуни годинава.

Наводно и анкетите што ги нарача СДСМ за да го види расположението пред изборите укажуваат дека постигнувањето на цензусот нема да биде едноставна работа. Поради тоа, партиски извори велат дека вратата за предвремени парламентарни избори е сѐ уште „подотворена“, иако натежнува ставот да не се оди на спојување на изборните циклуси, како што во изминатите денови препорачаа и дел од дипломатите. „Подотворена“ е наводно сѐ уште и врататa за можна кандидатура на премиерот Зоран Заев, доколку се процени дека тоа е „рецепт“ за поголема излезност на изборите, и покрај неговиот јавно соопштен став дека не планира да учествува во претседателската трка. Сепак, според проценките, тоа засега е последната можна опција, така што како најсериозни можни кандидати и натаму се спомнуваат министрите Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и Никола Димитров, како и координаторот за НАТО Стево Пендаровски.

Владејачката партија објави почеток на процедурата за избор на претседателскиот кандидат, но, според информациите, не е почната сѐ уште постапката за евидентирање на можните кандидати во месните и во општинските организации на СДСМ. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, не е формиран ниту централниот изборен штаб на СДСМ, што би се случило по распишувањето на изборите.

Опасноста да не биде постигнат потребниот цензус од 40 проценти излезност нагло порасна по референдумот во септември, кога беше евидентиран одѕив од околу 37 проценти. Со оглед на тогашната политика на бојкот на опозицијата и сега е отворена можноста за слично сценарио во вториот круг. На тоа се надоврзува и најавата на ДУИ за „замрзнување“ на идејата за консензуален кандидат, што може да доведе до слаба заинтересираност на електоратот на партиите од албанскиот блок за учество во вториот изборен круг. Информациите дека разногласијата меѓу СДСМ и ДУИ стануваат сѐ посериозни дополнително ја подгреваат таквата можност, и покрај тоа што најголемата владејачка партија има значителен број свои поддржувачи меѓу гласачите Албанци.

 

Одѕивот висеше и при изборот на Иванов

Универзитетскиот професор Светомир Шкариќ оцени во интервју за „Фактор“ дека цензусот што треба да се постигне во вториот круг може да претставува проблем на престојните избори, особено ако се имаат предвид, како што рече, сѐ поголемите поделби меѓу граѓаните, во последно време околу Преспанскиот договор и Законот за јазиците.

-Иако со уставниот амандман од 2008 година цензусот во вториот круг беше намален од 50 на 40 отсто, веќе на изборите во 2009 година, при првата кандидатура на Ѓорге Иванов, имаше проблеми да се обезбеди потребниот одѕив. Цензусот беше обезбеден во последен момент. Во последните часови од изборниот ден требаше да се агитира за да се обезбеди цензус, потсети Шкариќ.

Тој оцени дека по сите поделби во изминатиот период, ќе биде уште потешко да се постигне потребниот одѕив.

-Реално може да се очекуваат големи потешкотии при обезбедувањето на цензусот. Можно е да биде голема бројката на граѓани кои нема да сакаат да гласаат, не само поради поделбите, туку и поради  дискредитацијата на функцијата што ја направи Иванов, како и поради нерегуларностите што беа евидентирани во сите изборни циклуси за претседател досега. Мора да се има предвид дека цензусот е во криза и дека сѐ потешко ќе се обезбедува, изјави Шкариќ.

Во првите три изборни циклуси  за претседател потребниот цензус за излезност во вториот круг беше 50 проценти. По намалувањето на прагот, четвртите претседателски избори во 2009 година се одржаа паралелно со локални, а одѕивот во вториот круг едвај стигна до 43 проценти. Во 2014 година, пак, вториот претседателски круг се одржа заедно со предвремени парламентарни избори и тогаш одѕивот беше значително повисок – 54,36 отсто, иако ДУИ не учествуваше на изборите за шеф на државата, кога тогашните нејзини партнери од ВМРО-ДПМНЕ не ја прифатија иницијативата за консензуален кандидат. Проблемите со цензусот, според професорот Шкариќ, сепак не треба да се решаваат со спојување на претседателските со предвремени парламентарни избори.Предвремени избори, вели, создаваат крупни проблеми од аспект на Уставот и уставното право.

– Предвремени избори се најекстремниот облик на манипулација со гласачкото тело. Какви било предвремјени избори не се добро решение освен во вонредни ситуации. Спојувањето на парламентарни и претседателски избори не е добро решение и затоа што станува збор за различни избори – за различни функции и нивно спојување во едно не е природно, вели Шкариќ.

Please follow and like us:

You May Also Like