Балканот го зафати снежно невреме

Сообраќаен колапс во Белград, населби во Сараево без електрична енергија, силна бура во Сплит, проблеми со слетувањата на авионите во Солун. Балканот од денеска е под влијание на снежно невреме. Днеска во главниот град на Србија, Белград, сообраќајот се одвива под исклучително тешки услови. Градските автобуси во некои делови од градот воопшто и не сообраќаат поради појава на голомразица. Од Градското сообраќајно претпријатие велат дека состојбата во Белград е „катастрофална“.

„Сите белградски комунални служби се во готовност поради најавените снежни врнежи, а во чистењето на снегот ќе бидат ангажирани околу илјада луѓе. За чистење на снегот се користат 72 возила. Сите заедно мора да дадеме свој придонес, да исчистиме пред своите влезови и згради и да направиме градот да биде поубав и пофункционален.“ – изјави Зоран Радојичиќ – градоначалникот на Белград.

Во Босна и Херцеговина, каде што снегот денеска постојано паѓа, полицијата ги исклучува од сообраќај сите товарни возила кои немаат соодветна зимска опрема. Поради снежното невреме, жителите на 20-на населби во општината Источно Сараево од утрово се без електрична енергија поради прекин на далновод, како последица од силниот ветер и снежните врнежи.

Хрватското крајбрежје пак, е зафатено од силна бура, посебно градот Сплит. Ветрот се движи со брзина и до 100 километри на час, поради што е прекинат морскиот сообраќај. Пожарникарските служби денеска отстранувале паднати дрвја, а матерјална штета има и на повеќе згради. Поради облачност утрнава имаше проблеми со летовите на аеродромот „Македониа“ во Солун. Авионите кои требаше да слетаат на солунскиот аеродром беа пренасочени, а два лета беа откажани.

Please follow and like us:

You May Also Like