Анѓушев: В година за 36 отсто повеќе средства за финансиска поддршка на компаниите

За 36 отсто повеќе средства се одвоени за 2019 година за финансиска поддршка на компаниите, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев од Прилеп каде ја посети текстилната компанија „Комфи Ангел“ која е еден од корисниците на државна финансиска помош.

-Во Македонско-британската компанија „Комфи Ангел“, која е лидер во македонската текстилна индустрија, сакавме да видиме како ќе се искористат мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Задоволни сме од она што го видовме, бидејќи ги задоволуваат условите за користење средства од државната помош. Оваа година ќе бидат поддржани над 100 компании, а за следната година имаме издвоено за 36 отсто повеќе средства за поддршка на македонското стопанство, изјави Анѓушев.

Тој нагласи дека државата дава помош за веќе инвестирани средства, а не авансно. Годинава има поврат на средства за инвестиции во 2017, а в година за инвестиции во 2018.

-Иако годинава беше на политички одлуки, сепак, имаше 20 инвестиции, а за в година има најави на интерес на 100-ина компании. Сега е време на инвестирање во високата технологија, рече Анѓушев

Како што се приближуваме кон решение на проблемот за приклучување во евро-атлантските интеграции, посочи, така расте интересот на странските компании за инвестирање во земјава.

-Вчера бев информиран од една голема германска компанија која во почетокот на јануари ќе ја обзнани својата инвестиција од преку 100 милиона евра во високо-технолошката индустрија. Тоа е од посебно значење, зашто покрај трудово-интензивните компании, сега се фокусираме на вложувањата на високотехнолошките компаниии кои ќе вработуваат високо-стручен кадар од Македонија. Тие ќе ги вработуваат нашите млади луѓе и така ќе најдеме начин да бидат мотивирани да останат во државата. Разговараме со 100-ина компании и добар дел од нив веќе ги донесоа своите одлуки да инвестираат во Македонија, потенцира Анѓушев.

На прашањето што се случува со наменската фабрика „Еурокомпозит’ каде 130-ина вработени се прогласени технолошки вишок, а нема исплата на отпремнини според ветувањата и нема плати, Анѓушев рече дека две странски компании се заинтересирани да инвестираат во прилепската фабрика.

-Веќе имаме две понуди од странски инвеститори за преземање на „Еурокомпозит“ и за негово купување со решавање на заостанатите плати на вработените и што е многу поважно, сакаме да видиме таа компанија да има иднина. Знам дека процесот е бавен, но јас сум приврзаник на сигурни решенија. Отпремнините ќе се исплаѓаат како што има средства компанијата, рече Анѓушев.

Вицепремиерот за економски прашања присуствуваше и на седницата на Управниот одбор на регионалната стопанска комора во Прилеп каде пред стопанствениците најави дека в година ќе се избегнат административните процедури при финансиската поддршка на компаниите и ќе се доделуваат средства на компании кои ги исдполнуваат условите. Владата, додаде, веќе има податоци од извештаите на работењето на компаниите за нивната финансиска и производствена состојба.

You May Also Like