Антикорупциска го проверува имотот на „сваровски“ судиите

Антикорупциска ќе истражува колкав имот има претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, а предмети ќе отворат и за судиите Владимир Панчевски, Александра Зафировска, Светлана Костова и Софија Лаличиќ. Антикорупционерите ќе ги прочешлаат нивните анкетни листови по објавата на извештајот на американскиот Стејт Департмент за земјава во кој се наведува дека политиката директно се меша во судски процеси.

„Имињата чии имотна состојба решивме да ја провериме долго време во Македонија се споменуваат во ваков или онаков начин, како дел од критика, како дел од минатото кое предизвикало последици врз сегашната состојба на правосудниот систем и оттаму сметаме дека сосема легитимно е што одлучивме да се занимаваме со имотната состојба на овие лица“, рече Софка Пејовска, член на ДКСК.

По допрен глас ќе биде испитувана и имотната состојба на поранешните функционери, Миле Јанакиески, Илија Исајловски и Кирил Божиновски. Дополнително, Комисијата за спречување корупција ќе работи и на предмети за кои се сомнева дека имало судир на интереси при вработувањето на внукот и внуката на Владимир Панчевски, но и за начинот на вработување на сопругата на екс-министерот Спиро Ристовски. Антикорупционерите ќе истражуваат и дали имало корупција во постапките за јавни набавки при изработка и ревизија на ДУП-те во општина Центар.

„Тие што учествуват во изработка на плановите всушност се ангажирани да изработат за еден хектар да добијат еден денар, што станува многу сомнително и предизвикува сомнежи и затоа ја предлагаме оваа точка на дневен ред“, изјави Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

Антикорупционерите на денешната седница истакнаа дека ќе отворат и предмети за дваесетина лица кои извршуваат две или повеќе функции или се дел од состав на повеќе управни или надзорни одбори на фирми и институции кои се под капата на државата. Исто така ќе се проверува и состојбата на имот на директори на Јавни претпријатија, пратеници и министри.

Please follow and like us:

You May Also Like