ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Ангеловска: Законот за буџети во финална фаза, транспарентноста во јавните финансии останува приоритет

Денеска се одржа Четвртата седница на Советот за управување со јавни финансии – координативното тело на Владата, на високо ниво, за следење на спроведувањето на реформите предвидени со Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2018 – 2021 година. Со седницата претседаваше министерката за финансии Нина Ангеловска.

Ангеловска посочи дека Предлог-законот за буџет е во процес на финализирање, согласно консултациите со Светска банка, ММФ и ЕУ. По завршување на предвремените избори, КОВИД-19 кризата, како и потребниот период за јавни консултации,  очекувањата се дека законот треба да биде донесен до крајот на 2020 година. Со новиот Закон за буџети ќе биде регулирано воспоставувањето на фискалните правила и Фискалниот совет.

Подготвен е и новиот предлог-закон за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, кој паралелно со новиот Закон за буџети, треба да се донесе во текот на 2020 година. Со новиот закон се очекува дополнително да се зајакнат основите за спроведување на јавната внатрешна финансиска контрола низ целиот јавен сектор.

Министерката посочи дека во изминатиот период е подготвена и Стратегија за реформа на даночниот систем за која беше спроведена јавна консултација со заинтересираните страни. Оваа стратегија ги интегрира главните приоритети во областа на даночната политика и даночната администрација во периодот 2020-2023 година.

-Кон крајот на 2019 годината лансиравме повеќе алатки кои значително ја подобрија транспарентноста. Изработена е алатка за следење на капиталните расходи за секој буџетски корисник одделано, понатаму беше пуштен во употреба порталот „Отворени финансии“ кој е дизајниран за да и овозможи на јавноста преглед на сите исплати од Трезорот. На почетокот на годинава направена е страната „Јавен долг“ каде може да се следи состојбата на долгот, неговото движење по години, раздолжувањата, повлекувањата за тековната година и финансирање на истиот – рече Ангеловска.

Паралелно со реформите во буџетот, продолжуваат реформите во системот на управување со јавните финансии преку воспоставување на нов ефикасен и интегриран информациски систем за управување со финансии во Министерството за финансии (ИФМИС).

Министерката за финансии посочи дека сите реформски процеси треба да продолжат и во наредниот период и истите да се рефлектираат во новиот Акциски план за 2020 година. 

Таа повика сите да придонесат во своите делови за интензивирање на активностите и забрзување на реформите, бидејќи сите мора да го дадат својот придонес за побрзо да одиме напред.

Членови на Советот за управување со јавни финансии се вицепремиерите за европски прашања и за економија – Османи и Царовска, министерите за економија и информатичко општество и администрација Бектеши и Манчевски, како и директорите на УЈП, Царинска управа, Биро за јавни набавки, Државниот завод за статистика, Државна комисија за жалби по јавни набавки и Главниот државен ревизор.

Буџетот за спроведување на новиот Акциски план за 2020 година е планиран на 12 милиони евра, од кои 2,3 милиони евра се од буџетот на државата, додека 9,7 милиони евра би се обезбедиле од донаторски извори.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.