ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Ангеловска е против „чепкањето“ во ДДВ

Министерката за финансии Нина Ангеловска смета дека во овој период не се потребни интервенции кај Данокот на додадена вредност како што тоа го направија некои земји кои ги намалија даночните стапки за да го заживеат стопанството.

„Треба да бидеме многу внимателни за било какви промени кај Данокот на додадена вредност. Зборувам и од економска страна, како и од економска логика, аналитично и компаративно во однос на другите земји“, изјави денес на прес конференција министерката Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање.

Таа вели и дека се наоѓаме во предизборен период, на неполни две недели до изборите, а досега техничката Влада практично работела во кризни услови.

Дел од политичките партии во своите програми имаат мерки во врска со ДДВ. ВМРО-ДПМНЕ на пример најави дека во првите 100 дена од новата влада ќе се намали ДДВ од 18 отсто на 10 отсто за секторите угостителство и туризам, што ќе важи до крајот на 2021 година.

И СДСМ во изборната програма предвидува нов Закон за данок на додадена вредност преку кој ќе се овозможат даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани на тој начин што при увозот нема да плаќаат ДДВ за суровините и машините што се наменети за извоз, потоа единствена стапка од 10 отсто ДДВ за сите ресторантски услуги, ревидирање на стапките на данок на додадена вредност за суровините за домашните производители и намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители и намалување на стапката на ДДВ за суровините за извозно ориентираните компании, намалување од 18 на 5 отсто за занаетчиски услуги, викенд без ДДВ за граѓаните и тн.

Инаку, деновиве Германија најави дека ќе го намали данокот на додадена вредност од сегашните 19 на 16 отсто, како дел од пакетот мерки за стимулирање кои беа поддржани од германскиот парламент. Ова намалување ќе ја чини Владата 20 милијарди евра. Во Автрија исто така беше најавено дека стапката на ДДВ ќе се намали на пет отсто за хотели, ресторани, билети за културни настани и природни паркови, како и медиумски содржини и уметнички дела. До сега стапката на ДДВ во рестораните беше 20 проценти за пијалоци и 10 проценти за храна, а во културата 13 отсто.

„Ова што го преземаа одредени држави е во насока на закрепнување на стопанството и како антикризни чекори и мерки. Тоа се држави кои што имаат силна наплата на приходите и имаат многу поголем капацитет за прибирање на давачките и поголеми можност“, одговори Ангеловска.

Таа додаде дека кај нас ДДВ како фазен данок е со стапка од 18 проценти и со повластена даночна стапка од 5 отсто и дека во Министерството за финансии подолго се работело на анализа за хармонизација на ДДВ.

„Уште кога дојдов во Министерството за финансии започнавме да работиме на анализи и хармонизација во дел на Данокот на додадена вредност со Европската унија, конкретно за повластените стапки. Компаративно работевме на случајот, но се случи кризата и секако тоа останува да се работи понатаму“, вели Ангеловска, најавувајќи одредени промени во одлуката за повластени даночни стапки.

„Има одредени нелогичности кои што се останати така со години, не се променети 20 години“, рече министерката за финансии додавајќи дека ако на работите се гледа системски, тие треба да се подобрат во вој дел, а воедно треба да се работи многу и на сузбивање на сивата економија, со цел да се подобри наплатата на ДДВ.

Сепак, таа остави простор да се носат и одредени антикризни мерки, но, како што нагласи, по направена анализа.

„Ако се носи било каква одлука за чепкање и било каква промена во овој данок, таа ќе биде поткована со факти, издржана и нема да наштети на било што друго во нашата мала и отворена економија“, рече Ангеловска.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.