Америка ја блокира продажбата на израелските авиони Ф-16 на Хрватска?

Американската администрација на претседателот Доналд Трамп е против продажбата на 12 израелски воени авиони Ф-16 „барак“ на Хрватска, пишува порталот Аксиос кој тврди дека информацијата ја добиле од израелски извори, пренесуваат хрватските медиуми.

Трамповата администрација е наводно „гневна“ бидејќи Израелците ги унапредиле старите американски авиони со модерна израелска технологија за да ги убедат Хрватите да ги купат нивните авиони.

Американците сметаат дека Израел не смее да продава авиони без нивна согласност, а особено не на конкурс на кој и тие се пријавиле.

Така сега продажбата вредна 500 милиони долари е доведена во прашање, бидејќи американските функционери сметаат дека Израел „игра“ нечесно и се обидува да заработи на сметка на САД.

„Ова е ретко отстапување по две години исклучително блиски односи на Израел и администрацијата на Трамп, особено кога станува збор за војската и одбраната“, пишува новинарот Барак Равис. Стејт департментот и Пентагон сѐ уште немаат коментар за целиот случај, наведува Аксиос.

You May Also Like