АВТОПАТОТ МИЛАДИНОВЦИ-ШТИП ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА, НЕМА ДА ИМА СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ

Новиот автопат Миладиновци-Штип денеска е пуштен во употреба и тој ќе го скрати патувањето од Скопје до Штип за околу половина час. Во првиот автопат во источниот дел на државата, чија должина изнесува 47 километри, беа вложени 177 милиони евра.

Од Министерството за транспорт и врски  велат дека нема да има свеченост за пуштање на автопатот во употреба.

„Автопатот е пуштен во моментот кога се исполнија сите услови за тоа. Најважно е граѓаните да возат по новиот модерен автопат, а свеченоста е помалку важна. Согласно работните агенди и службените патувања на премиерот Зоран Заев, министерот Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, свеченоста за време на денешното официјално пуштање во употреба не беше можно да се реализира“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Автопатот со четири ленти, плус две ленти за застанување, е широк 27,4 метри, а проектираната брзина изнесува 130 километри на час. По неговата должина има и четири клучки.

Делницата почнува после клучката Миладиновци и се спојува на коридорите 8 и 10. Последната клучка е Три Чешми, кадешто ќе има спојување со новиот експресен пат Штип-Кочани, кој е во изградба.

Автопатот почна да се гради во февруари 2014 година и оригинално требаше да биде готов до март 2017.

Please follow and like us:

You May Also Like